Програма за закрепнување на балканскиот рис

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.

  • “Караџица 2011“
BLRPБалканскиот рис е опишан како посебен подвид Lynx lynx balcanicus (martinoi). Најчесто се среќава во планинските региони на Балканот, со најголема бројност во планинските региони на границата помеѓу Македонија и Албанија.

Дел од научната заедница не се согласува балканскиот рис да биде одделен како посебен подвид, но прелиминарните анализи покажуваат јасни генетски разлики помеѓу балканскиот рис и соседните популации како карпатскиот рис, иако нема јасни разлики во нивниот фенотип, па затоа се прават напори балканскиот рис да се прогласи и заштити како посебен подвид.

Балканскиот рис во моментот е најзагрозената автохтона популација на Балканот со не повеќе од 80 единки. Малата бројност се должи главно на фрагментирање на нивните хабитати, опаѓање на бројноста на пленот, интензивно ловокрадство итн. Тој е на работ на истребување речиси еден век. Затоа опстанокот на оваа популација е неизвесен ако не се превземат итни мерки за заштита. Дел од мерките за заштита се превземаат со “Програмата за закрепнување на балканскиот рис (BLRP)”, билатерален проект помеѓу Македонија и Албанија.

Летниот камп на Караџица беше организиран од Македонското еколошко друштво во соработка со Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ) во рамките на Програмата за закрепнување на балканскиот рис (BLRP) која се спроведува од 2006 год. со главна цел да се спаси балканскиот рис во соработка со Албанија. На овој камп беа поканети ентузијасти и студенти од Албанија, Србија, Хрватска, Косово и Црна Гора да учествуваат на овој камп за да се запознаат со проектот, да научат и да го прошират своето знаење за екологијата и биологијата на балканскиот рис, мониторингот и техниките за фаќање на ова ретко и загрозено животно.

Кампот траеше две недели, од 10ти до 25ти јули. За тоа време беше покажано како се врши мониторинг (набљудување) на рис, како и резултати и проблеми кои можат да се јават додека тоa се одвива. Потребата за формирање на мониторинг мрежа беше посочена како битен елемент за сите понатамошни мониторинг активности во Албанија и Македонија.

Од методите за мониторинг фокусот беше ставен на техниката со поставување на фото замки како и следење на траги кои рисот ги остава зад себе како стапки, жртви, измет итн. Друга презентирана метода за мониторинг на рис беше методот на радиотелеметрија, која се употребува за да се дознае позицијата на веќе претходно одбележаното со околувратник животно (рис). За оваа метода се користи Радио/ГПС/ГСМ околувратник, радио приемник и антена.

Околувратникот емитира сигнал кој го регистрира приемникот со антена и испушта звук. Во насоката каде се слуша звукот се повлекува линија на мапата. Ова се повторува уште два пати од различни локации. Пресекот на три вектори, кои го детерминираат правецот на сигналот, на мапа ја открива локацијата на скриениот околувратник.

Од методите за заловување на единка од рис најчесто се користи box trap методата или метода на кафез-замка, каде замките се затвараат ако низ нив помине животно со доволна големина да го активира механизмот.

Друга метода за заловување е методата со стапици за нога – foot snare метода. Овие замки се поставуваат најчесто околу жртва направена од рис за која се сомневаме дека рисот повторно ќе се врати да го “доврши“ пленот што го уловил. Една од предностите на оваа метода е тоа што опремата може да се намести многу брзо и има висока можност за фаќање. Оваа метода може да биде многу стресна за уловеното животно и заради тоа потребно е тимот кој ги поставил замките да се наоѓа во близина за што побрза имобилизација на животното.

Организаторите на овој тренинг (МЕД и ИДСБ) и учесниците заедно заклучија дека тренингот беше успешно спроведен (теоретски и практично), а учесниците укажаа на потребата и се надеваат дека вакви едукативни тренинзи ќе се организираат и во иднина како би се подобрила соработката помеѓу студентите (ентузијасти) и имплементаторите на Програмата за закрепнување на балканскиот рис (BLRP).

Од англиски на македонски превел: Драган Матевски


Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.