Познати "Цијанобактерии" присутни во Дојранско езеро

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.

Во рамките на проектот "Развивање на капацитети за одржливост на Дојранско Езеро“ финансиран од Critical Ecosystems Partnership Fund (CEPF) во Дојран, беа реализирани 3 истражувачки кампови, наменети за студентите од Природно-математичкиот факултет, насоки екологија и био-хемија. Една од главните цели на овие истражувачки кампови е утврдување на параметри за одржување и план на раководење со езерото кои ќе им послужужат на надлежните од општината Дојран за негово управување. Во неколку-дневните истражувачки кампови, активностите опфаќаат научни презентации, теренска настава, земање примероци од литоралниот дел и подлабоки делови од езерото, како и земање на примероци од различни видови риби и алги, микроскопски набљудувања и анализи.

Што се Цијанобактерии (Цијанофити)?

Цијанобактериите т.е модро-зелените алги (Cyanobacteria - Cyanophyta) претставуваат група на прокариотски организми. Додека во алгологијата се сметаат за модрозелени алги, во микробиологијата тие се бактерии.

Модро-зелените алги, уште се наречени и цијанобактерии, бидејќи практично претставуваат бактерии во алгална форма. Овие алги лачат цијанотоксини, кои не се исто што и цијаниди. Цијанотоксините се голема група сложени протеински молекули, кои се поделени по начинот на нивното дејствување врз организмите, односно има:
  • хепатотоксини, кои дејствуваат на црниот дроб,
  • цитотоксини што влијаат врз сите клетки во организмот,
  • невротоксини кои влијаат врз нервниот систем и иританти на кожата, како и предизвикувачи на алергиски реакции

Не секогаш модро-зелените алги предизвикуваат токсичност на водата во езерата. За да се случи тоа потребни се одредени услови. Овој вид алги вообичаено не се отровни, но како тие ќе реагираат зависи од условите на екосистемот во кој ќе се појават. Овие алги нормално не лачат токсини, односно нивните отрови не се примарни.

Но, во одредени услови, најчесто при нивна максимална доминација во екосистемот и под одредени околности кои се специфични за секој екосистем, тие влегуваат во таканаречен секундарен метаболизам, каде почнуваат силно да лачат токсични материи. Алгите кога ќе се појават на површината на водата, значи дека доминираат во тој екосистем. Една иста модро-зелена алга, може во еден екосистем да е токсична, а во друг да не е.

При масовен развој т.е при максимална доминација во еден слатководен екосистем, тие формираат воден цвет(еутрофикација) на површината на водата.

Потребни се различни услови за формирање на водниот цвет како:

  • отсуство на ветер
  • висока температура
  • pH од 6,0 - 9,0
  • висока ниво на хранителни материи
Ваквата состојба е наречена "Еутрофикација". Поимот еутрофикација означува зголемена содржина на хранителни материи (фосфорни и азотни соединенија) во водените екосистеми што доведува до интезивен развој на примарните продуценти(алги и виши водни растенија).

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.