Седумнаесетта научно истражувачка акција – Караџица, 2011

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.

Истражувачкото Друштво на СТУДЕНТИ БИОЛОЗИ со задоволство ви ја најавува седумнаесеттата по ред научно истражувачка акција, која оваа година ќе се одржи на Караџица, од 10-25 Јули 2011 година, со сместување во Планинарски дом “Караџица”. Караџица се наоѓа во западниот дел од масивот Јакупица и има правец на протегање југоисток – северозапад, каде продолжува во Сува Планина. Западната планинска страна се одликува со стрмни и високи отсеци кои речиси вертикално се спуштаат во кањонската долина на Треска. Највисоки врвови се истоимениот врв Караџица (2.473м), Попов о (2.380м), Убава (2.350м). Геолошкиот состав е претставен со варовници, поради што планината е целосно карстифицирана без површински водени текови и со површински карстни облици, пред сè ували. Планинарскиот дом Караџица се наоѓа на падините на планината Мунџица, на планинскиот масив Јакупица. Целта на овогодинешното истражување е да се обезбедат податоци за биодиверзитетот на планината Караџица, кои се од особена важност за Македонија. Оваа година посебен акцент на акцијата ќе се стави на презентирање на мониторинг техники за следење на рис. Кој може да учествува: – Членови на ИДСБ – Волонтери по проектот за закрепнување на балканскиот рис – Студентски организации од сроден карактер од Македонија и Балканот Структура на учесници на акцијата:
  • 30 студенти
  • 10 стручни соработници (Професори, Асистенти)
  • 10 волонтери по проектот за закрепнување на балканскиот рис
  • 10 студенти гости од други земји
Студентите ќе имаат можност да работат во 12 секции и тоа:
  • Алголошка – истражува диверзитет на силикатни алги (дијатомеи) (Bacillariophyceae) на високопланински водени еко-системи (eзера, реки, потоци и тресети).
  • Арахнолошка – истражува диверзитет на пајаци и нивно проучување;
  • Биохемиско-физиолошка – изолирање на секундарни метаболити кај лековити и ароматични растенија;
  • Ентомолошка- истражува диверзитет на инсекти, тврдокрилци (стрижибуби, тркачи), дневните пеперутки и молци и социјални инсекти (пчели и оси);
  • Ихтиолошка - истражува диверзитет на рибна фауна;
  • Макрозообентос- истражува диверзитет на без‘рбетни животни од различни таксономски групи кои ja населуваат бенталната зона на водните екосистеми;
  • Мамолошка– истражување на ситни и крупни цицачи, со посебен акцент на рисот;
  • Миколошка – истражува диверзитет на аскомицети и базидиомицети;
  • Пределна екологија – картирање на екосистеми, идентификација, квантитативни и квалитативни анализи на пределите;
  • Херпетолошка – распространетост и дистрибуција на влекачите и водоземците;
  • Флористичка – истражува васкуларни растенија;
  • Орнитолошка – истражување на птиците;
Пријавувањето на заинтересираните членови ќе започне од 14 Јуни 2011 година, во просториите на ИДСБ или на маил (idsbiolozi@gmail.com) преку пополнување на апликацијата која е објавена на – Караџица 2011 . Резултатите од конкурсот ќе бидат истакнати на 1 Јули 2011 година.

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.