Со големо задоволство го најавуваме годинашниот 15. јубилеен биофото-конкурс на Истражувачкото друштво на студенти биолози
БИОФОТО-КОНКУРС 2026
Тема: Интеракции меѓу организмите
Со големо задоволство го најавуваме годинашниот 15. јубилеен биофото-конкурс на Истражувачкото друштво на студенти биолози, организиран во соработка со Europe House. Целта на конкурсот е преку фотографија да се забележат различните интеракции меѓу организмите, како еден од клучните процеси за функционирањето на секој екосистем.
Што може да се фотографира?
Предмет на фотографирање можат да бидат сите видови еколошки интеракции меѓу организми: растенија, животни, габи и други организми – фотографирани во природни услови.
· Доколку фотографирате животно, не е дозволено животното да биде вознемирено, повредено или доведено во неприродна состојба како последица на дејството на фотографот.
· Животното треба да биде фотографирано во дивина, во неговиот природен хабитат.
· Не се прифаќаат фотографии од домашни животни, ниту од животни кои се намерно позиционирани, наместени или фотографирани во контролирани услови.
· Растенија, габи и други неподвижни организми не смеат да бидат откинати, преместени или поставувани за потребите на фотографирањето.
· Фотографијата треба да ја прикажува сцената колку што е можно поприродно и поверодостојно.
Напомена
За полесно разбирање на темата, подолу се наведени неколку примери на интеракции што можат да се фотографираат:
• Предаторство: кога едно животно лови друго животно.
• Мутуализам: на пример, инсект кој опрашува цвет.
• Коменсализам: на пример, птица која се гнезди на дрво без притоа да му нанесува штета.
• Паразитизам: кога еден организам живее и се храни на сметка на друг организам.
• Конкуренција: натпревар меѓу единки од ист или од различен вид за храна, простор, светлина или партнер.
• Аменсализам: однос при кој еден организам е попречен или оштетен, додека другиот нема ниту корист ниту штета.
Други еколошки односи: секоја јасно забележлива интеракција што е биолошки и еколошки значајна.
Технички спецификации
1. Секој учесник може да испрати најмногу 3 фотографии.
2. Фотографиите мораат да бидат оригинални дела на пријавениот учесник.
3. Фотографиите претходно не смеат да бидат наградувани или објавувани на друг натпревар.
4. Фотографиите треба да бидат во сооднос 3 : 2 (на пример, 3000 × 2000 пиксели). Овој сооднос може да се приспособи со алатката Crop во соодветен софтвер.
5. Минималната големина на фотографијата треба да биде 5 MP (мегапиксели).
6. Победничките фотографии ќе бидат проверени преку доставување на оригиналниот, неуредена датотека (RAW датотека од фотоапарат или оригинална фотографија од телефон).
7. Доколку фотографијата не е во согласност со правилата, ИДСБ го задржува правото да го дисквалификува учесникот.
8. Дозволено е уредување само во однос на светлина, боја, контраст, острина и слично. Не е дозволено додавање, бришење или преместување елементи на фотографијата со каков било софтвер.
9. Фотографијата не смее да биде генерирана со помош на вештачка интелигенција.
10. На објавените фотографии ИДСБ ќе го постави своето лого и логото на Europe House, со цел заштита и обележување на авторството.
11. Фотографиите мораат да бидат направени на територијата на Република Северна Македонија. Фотографии направени во други земји нема да бидат земени предвид.
12. Фотографијата може да биде направена и пред датумот на објавување на конкурсот, доколку ги исполнува сите други услови.
Критериум за оценување
Фотографиите ќе се разгледуваат според следните критериуми:
|
Критериум |
Опис |
|
Усогласеност со темата |
Колку јасно фотографијата прикажува интеракција меѓу организмите. |
|
Оригиналност |
Автентичност и впечатливост на моментот или пристапот. |
|
Биолошка/научна вредност |
Јасност и значење на прикажаната интеракција или прикажаниот вид. |
|
Технички квалитет |
Острината, експозицијата, композицијата и општата визуелна изведба. |
Категории
Годинашниот биофото-конкурс содржи три категории фотографии што ќе бидат наградени:
· Ќе бидат избрани 12 најдобри фотографии, а меѓу нив ќе бидат доделени прво, второ и трето место.
· Победничка фотографија на социјалните медиуми: фотографија што ќе има најмногу лајкови на страницата на „Фејсбук“ на конкурсот за биофотографија: https://www.facebook.com/biofotokonkurs.
· Најдобра фотографија на научно-значаен вид, избрана од стручна научна комисија.
Учесниците можат да конкурираат во сите три категории или само во една, зависно од фотографијата. Една иста фотографија може да биде наградена само во една категорија.
Рок за поднесување
Фотографиите треба да бидат испратени најдоцна до 31.8.2026. Секоја фотографија испратена по 31 август 2026 година нема да биде земена предвид.
Стручна жири-комисија
Во изборот на фотографиите ќе учествува стручна жири-комисија:
1. Проф. д-р Славчо Христовски – професор на одделението Екологија на растенија, долгогодишен соработник на ИДСБ
2. М-р Деспина Китанова – долгогодишен соработник на ИДСБ
3. М-р Ерина П. Богоева, професионален фотограф
Каде да ја испратите фотографијата?
Сите фотографии се поднесуваат преку онлајн-форма.
Во формата има задолжителни и факултативни полиња што треба да ги пополнат учесниците. Сите доставени информации ќе бидат искористени исклучиво за потребите на овој биофото-конкурс.
Кој може да учествува?
Натпреварот е отворен за сите!
Објава на победници
Победниците ќе бидат објавени на денот на отворање на изложбата.
Ги очекуваме вашите фотографии!
Датум на објава:
April 21, 2026, 10:37 a.m.