Макрозообентос

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.

Основна задача на оваа секција е истражување на диверзитетот на макроинвертебратната фауна од слатководните екосистеми (во прв ред потоците и реките, но и неистечните води). Поимот макрозообентос обединува без‘рбетни животни од различни таксономски групи кои го населуваат дното (или бенталната зона) на водните екосистеми. Оваа група организми е мошне важна за функционирањето на екосистемот, бидејќи се јавува како важна алка во синџирот на исхрана од која зависат повеќето други водни организми. Според ова, исчезнувањето на оваа заедница би претставувало закана за останатиот жив свет кој зависи од неа (риби, водоземци, водни птици и сл.). Макроинвертебратите се многу осетливи на физичко-хемиските промени во животната средина, што ги прави одлични биолошки индикатори. Настанатите промени можат да се набљудуваат како на видово, така и на индивидуално ниво и на ниво на заедници. Истражувањата се поделени на теренски и лабораториски дел. Теренскиот дел од истражувањето опфаќа собирање на зоолошки материјал и негово соодветно конзервирање. Методите на собирање на материјалот можат да бидат квалитативни и квантитативни. Со квалитативниот метод се добиваат податоци за присуството или отсуството на одделни животни (чисто таксономско истражување), додека со квантитативниот се врши проценка на бројот и биомасата на одделни таксони од макрозообентосот на единица површина или волумен. Со овој метод се добиваат информации и за богатството на видови, дистрибуцијата и продуктивноста на единките во рамките на видот. Лабораторискиот дел од истражувањето се состои од детерминација на собраниот материјал, а по потреба го вклучува и квантитативниот метод.
  • Раководител на секција: Теодора Павловска
  • Ментор: Доц. д-р. Валентина Славевска Стаменковиќ
[su_posts posts_per_page="35" tax_term="12" tax_operator="0" order="desc"]

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.