Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.
Природно-математички факултет во Скопје!
Научните достигнувања во биологијата ги отворија новите видици на постоењето на животот во 21 век. Напредокот на сите биолошки дисциплини, на биолошката технологија, како и на биолошката мисла во целина, придонесе современите сознанија во биологијата да имаат широка примена во речиси секоја човекова активност.
Денес, биолошките достигнувања наоѓаат примена во решавањето на глобалните проблеми, како и во искористувањето на енергетските ресурси, производството на здрава храна, подобрувањето на здравствените услови, загаденоста на животната средина и одржливиот развој. Затоа, примарна цел на секоја земја е да ги развива научните и истражувачките потенцијали и да создава услови за примена на достигнувањата од биологијата, како една од респектабилните научни гранки.
[su_accordion] [su_spoiler title="Наставна дејност" style="fancy"]
Реализацијата на својата наставна дејност, Институтот за биологија ја започна со изведување настава на студиската програма - биологија во академската 1946/47 година. Во учебната 1980/81 год. беше воведена наставната насока, за формирање профил „професор по биологија“ и биохемиско-физиолошката насока, за формирање профил „инженер по биологија“.
Во учебната 1994/95 година, почна изведувањето на наставата по двопредметните студии биологија-хемија, во чија реализација, покрај Институтот за биологија, учествува и Институтот за хемија. Во процесот на ревидирање на студиските програми што го спроведе Институтот за биологија во периодот од 2000 до 2002 година, покрај извршените промени во наставните планови на постојните две насоки (наставна насока и биохемиско-физиолошка), ја спроведе и постапката за отворање на еколошка насока, чија настава почна во учебната 2002/03 година.
Во учебната 2008/09 година, по претходно спроведената постапка за отворање на насока по молекуларна биологија, на Институтот по биологија започна да се реализира наставата на оваа насока, на која дипломираните студенти ќе се здобијат со титула „молекуларен биолог“. Истата година, беа ревидирани програмите на постоечките насоки, при што, покрај новите предмети и содржини, беа изменети и имињата на постоечките насоки (наставната насока премина во студии по општа биологија, а биохемиско-физиолошката насока денес е позната како студии по биохемија и физиологија).
Според тоа, Институтот организира настава по пет студиски групи: насока по ошта биологија, насока по биохемија и физиологија, еколошка насока, студии по молекуларна билогија и двопредметни студии биологија - хемија.
Покрај основната дејност за оспособување на кадри по биологија, Институтот за биологија учествува и во наставата на одредени студиски групи (насока аналитичка биохемија) на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, како и во наставниот процес на повеќе студиски групи на други факултети: на Факултетот за земјоделски науки и храна, на Шумарскиот факултет, на Медицинскиот, на Стоматолошкиот и на Филозофскиот факултет во Скопје.
Покрај редовно студирање, на Институтот за биологија во 2003 година е обновено вонредното студирање само за двопредметната студиска програма биологија-хемија.
[/su_spoiler] [su_spoiler title="Начуно-истражувачка дејност" style="fancy"]
Научноистражувачката дејност на Институтот за биологија се одвива од почетокот на неговото формирање и тоа во рамките на трите заводи (Завод за ботаника, Зоолошки завод и Завод за физиологија и биохемија), како и во Ботаничката градина. Во првите десетина години, оваа дејност се одвиваше мошне скромно и пред сé индивидуално, а во наредниот период развојот се одвиваше со систематско вклучување на млади соработници. Со првите одбранети докторски дисертации, научноистражувачката дејност на Институтот почна да се проширува и интензивира. Во тој период, оваа активност постепено почна да се одвива со тимска работа и со формирање на истражувачки групи, со што се овозможи продлабочување и проширување на истражувањата во различните области на биологијата. Финансирањето на научноистражувачката дејност во почетокот се реализираше преку издвојување средства од Факултетот, потоа преку проекти од Републичкиот фонд за наука, а по осамостојувањето на Република Македонија, финансирањето се одвива главно преку Министерството за образование и наука и Министерството за екологија и просторно планирање на Р. Македонија. Во изминатиот период, научните истражувања на Институтот беа насочени кон проучување на биолошките структури на клеточно ниво, на ниво на организам (микроорганизми, растенија и животни), како и на ниво на популации, животни заедници и екосистеми (составот и меѓусебните односи), од различни аспекти (природни и експериментални услови, патологија). Сите овие истражувања вклучуваат како лабораториска така и теренска работа, чија цел е здобивање со научни сознанија како основа за развој на технологијата и за напредок на општеството.[/su_spoiler] [su_spoiler title="Библиотека" style="fancy"]
Развојот на Институтот за биологија беше проследен и со постојано обновување и збогатување на книжниот фонд на библиотеката. До 1956 година, во средувањето и евидентирањето на библиотечниот фонд учествуваа лаборанти и асистенти од Институтот за биологија. Во 1956 година е назначен книжничар, кој по пензионирањето (во 1976 година) е заменет со библиотекар. Библиотекарот Петкана Тодоровска, дипломиран биолог, во текот на целиот свој работен век, до пензионирањето во 2005 година, даде голем придонес во одржувањето на библиотечниот фонд и во воспоставувањето контакти со други библиотеки од земјата и од странство. Во оваа јубилејна година, библиотеката располага со 12062 книги и 838 наслови на домашни и странски списанија. Исто така, располага и со бројни монографии, книги, скрипти, практикуми и други помагала од областите на студиските групи на Институтот за биологија, напишани од академскиот кадар. Во библиотеката се наоѓаат и примероци од сите досега одбранети дипломски работи, специјалистички трудови, магистерски работи и докторски дисертации на Институтот за биологија. Збогатувањето на библиотечниот фонд се одвиваше со купување книги и со претплата на списанија, а добар дел и преку размена за Годишниот зборник - Биологија (од 2005 г. Biologia Macedonica). Имено, преку оваа размена досега се добиени над 600 книги и повеќе од 400 наслови на списанија.[/su_spoiler] [/su_accordion]
[su_accordion] [su_spoiler title="Просторни и Материјални услови" style="fancy"]
Наставната и научноистражувачката работа на Институтот за биологија се резултат на општествените услови во нашата држава и зависат како од материјалната основа и можностите за кадровско обновување, така и од исклучително големиот развој на биолошките дисциплини, а со тоа и од потребите за биолошки кадар. За жал, Институтот за биологија кадровски не се развива соодветно на потребите кои се наметнати од актуелноста на проблемите на кои тој треба да одговори. Од 1946 година, на Одделот за биологија, во рамките на Филозофскиот факултет, до 1951 година теоретската и практичната настава била изведувана во зградата на тогашниот Природно-научен музеј во Скопје. Во учебната 1951/52 година, Природно-математичкиот факултет бил сместен во зградата во која се наоѓа и денес. Теоретската настава се изведувала во 1 амфитеатар и 2 предавални. Со развојот на научноистражувачката и наставната дејност на Институтот следи и отворање и проширување на лаборатории за истражувања и изведување на практичната настава. Денес, Институтот за биологија својата наставно-научна дејност и активност ја изведува во просториите на зградата на Природно-математичкиот факултет, како и во приспособениот дел од Ботаничката градина. За изведување на студиите по биологија, Институтот располага со амфитеатри (2), предавални (2), лаборатории за изведување на практичната настава (8) и лаборатории за научноистражувачка работа (14). Во рамките на Институтот се наоѓаат и дополнителни простории за наставно-научна работа: ботаничка градина, аквариум, лаборатории за одгледување на експериментални животни, клима-комора за одгледување на растителни култури, инсектариум, хербариум, херпетолошка збирка, миколошка збирка, компјутерска училница и библиотека. Теоретската настава на Институтот за биологија ги следи современите наставно-образовни процесии и се одржува во амфитеатри и во нови предавални опремени со компјутери и проектори, како и во нова компјутерска училница со 15 работни места. Практичната настава се изведува во лаборатории од различни области на ботаниката, зоологијата, физиологијата и биохемијата, кои во последната деценија се реновирани и современо опремени.[/su_spoiler] [su_spoiler title="Студиски Програми" style="fancy"]
Времетраење на студиитеСтудии по биологија | Кредити | Процентуален удел според кредитите | Број на предмети | |
---|---|---|---|---|
Јадро | 106 | 44,2 | 14 | |
Поддршка | 40 | 16,7 | 9 | |
специјализација и пракса | 34 | 14,2 | 6 | |
организација и комуникација | 16 | 6,7 | 2 | |
Изборни | 44 | 18,3 | 11 | |
ВКУПНО | 240 | 100,0 | 42 |
Студии по екологија | Кредити | Процентуален удел според кредитите | Број на предмети | |
---|---|---|---|---|
Јадро | 90 | 37,5 | 12 | |
Поддршка | 35 | 14,6 | 7 | |
специјализација и пракса | 51 | 21,3 | 9 | |
организација и комуникација | 12 | 5,0 | 2 | |
Изборни | 44 | 18,3 | 11 | |
ВКУПНО | 240 | 100,0 | 42 |
Студии по биохемија и физиологија | Кредити | Процентуален удел според кредитите | Број на предмети | |
---|---|---|---|---|
Јадро | 86 | 35,8 | 13 | |
Поддршка | 57 | 23,8 | 10 | |
специјализација и пракса | 50 | 20,8 | 7 | |
организација и комуникација | 7 | 2,9 | 2 | |
Изборни | 40 | 16,7 | 11 | |
ВКУПНО | 240 | 100,0 | 43 |
Студии по молекуларна биологија | Кредити | Процентуален удел според кредитите | Број на предмети | |
---|---|---|---|---|
Јадро | 100 | 41,7 | 13 | |
Поддршка | 52 | 21,7 | 9 | |
специјализација и пракса | 35 | 14,6 | 7 | |
организација и комуникација | 7 | 2,9 | 2 | |
Изборни | 46 | 19,2 | 12 | |
ВКУПНО | 240 | 100,0 | 43 |
[/su_accordion]
Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.