Истражувачко друштво на студенти биолози (
ИДСБ) е младинска истражувачка организација, која се занимава со едукација на студентите и членовите во областа на биологијата како и истражување и изучување на биодиверзитетот на Р. Македонија. Формирано во 1995 година од некогашните студенти и демонстратори, а сегашни професори и асистенти на Природно-математичкиот факултет –Скопје, ИДСБ сега претставува единствено младинско-истражувачко друштво во државата, влегува меѓу најстарите младински организации во Македонија, која функционира во континуитет.
22 години по ред ИДСБ организира научно-истражувачки акции во границите на Р. Македонија со цел едукација и практична настава во рамките на наставната дејност на Институтот за биологија при Природно-Математичкиот факултет во Скопје за студентите по биологија.
22 години по ред, ИДСБ во континуитет како една од најстарите младински студентски организации успешно допринесува не само за надградба на студентите, туку и за проучување на биолошката разновидност на Македонија.
22 години по ред, ентузијазмот на студентите бил охрабруван и поддржуван. Преку работата во ИДСБ, голем број студенти на оригинален начин стекнале незаменливо практично искуство за кое и ден денес тврдат дека било неопходно за остварување на нивната професионална кариера.
Оваа година, научно-истражувачката акција беше планирана на планината Дешат во склоп на Националниот Парк Маврово. Во 2013 година, ИДСБ
успешно организираше акција на планината Кораб која е исто така дел од Националниот парк Маврово. Агендата, т.е целите на оваа акција, како и на сите предходни беше аналогна како и таа во 2013 година.
Оддржувањето на акцијата на планината Дешат значеше и реализација на идејата да се обединат податоците при истражувањата на планината Кораб во 2013 година.
Подготовките за овогодинешната акција почнаа уште од месец февруари и веќе на 12 април, 2016 г. кога од страна на ИДСБ уредно беше испратено првото барање за дозвола за спроведување на едукативна активност до Националниот парк Маврово. Воедно, процедурално беше доставено и барање до надлежната полициската станица од каде добивме одобрение.
На 14 април, 2016 год. добивме повратен е-маил од НП Маврово каде се бараa дополнителни информации за друштвото и поконкретна програма за теренските активности. Во контекст на ова барање, поднесовме детален приказ на нашите активности, каде потенциравме дека се работи за едукативно-теренски активности за студентите по биологија.
Воедно, доставивме и официјално писмо наменето за НП Маврово од Институтот за биологија при ПМФ, во кое беше образложено зошто ги подржува овие активности на ИДСБ. На сето ова, не добивме повратен одговор. Кога се обидовме телефонски да ги контактираме, свесни дека рокот за постапување по нашето барање одминува, ни беше кажано дека директорот на НП Маврово е сеуште
недостапен т.е дека е на
одмор.
И покрај одминување на законски предвидениот рок за постапување по нашето барање, уредно доставено до Дирекцијата на НП Маврово, ИДСБ повторно се обиде да воспостави комуникација со НП Маврово, кога во директна телефонска комуникација со Директорот на ЈУ „НП Маврово“ добивме усмена потврда на нашето барање.
По 6 месечна организација, се упативме кон домот Говедарница на планината Дешат. Кампот беше поставен на 9.07.2016 година. Веќе утредента, започнаа нашите активности.
Сè течеше плански, сè додека на ден 12.07 не нè пресретнаа ренџери на Националниот парк Маврово кои ни укажаа дека доколку не го напуштиме Паркот ќе бидеме
казнети. Притоа се повикаа на казната за движење во шума од 07 до 17 (
Член 106 од законот за Шуми) без притоа да ја разгледаат и да ја потенцираат можноста за постапување по исклучок.
„ Ова ограничување не важи за организирана тура на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена и Националните паркови во Република Македонија, која ќе биде во придружба на претставник од ЈП „Македонски шуми“ или Националните паркови.“
Бидејќи бевме сместени на приватен имот каде немаат ингеренции, три дена се надевавме и обидувавме да изнајдеме компромис со надлежните од НП Маврово. Дијалогот не се движеше во насока да се дојде до решение, туку индиректно бевме избркани од Паркот.
На ден 15.07 под притисок од надлежните во Паркот, решивме да го напуштиме домот Говедарница.
Петнаесетдневната истражувачка акција е главниот годишен настан на ИДСБ каде повеќе од 40 студенти вклучувајќи и гости студенти се едуцираат и стекнуваат практични знаења од областа на биологијата под менторство на професори, стручни лица и експерти од Македонија и соседните земји*[1].
Од 8 часот наутро, се до 4 часот на пладне, ние студентите, ја пренесувавме целата опрема, храна и додатни материјали од домот се до селото Жировница. Покрај целиот дожд и град кој заврна, упорноста и желбата на студентите да се продолжи акцијата преовладеа и веќе во 18 часот стигнавме во Старо Село на Шар Планина.
[1] Професори и асистенти од ПМФ-Скопје, професори од Факултетот за биологија – Белград, претставници од Бугарската Академија на Науките, претставници од „Природонаучен музеј на Македонија“ – Скопје, претставници од Природонаучниот музеј во Белград, како и членови на Македонското Еколошко Друштво.
Во меѓувреме, само за споредба, поднесовме барање за дозвола за престој до ЈП „Македонски шуми“ под чија ингеренција е Шар Планина, кое го добивме за неполн час. Го поздравуваме односот и разбирањето на ЈП „Македонски шуми“ и им благодариме што покрај сите недоразбирање со НП Маврово, сепак оваа акција продолжи.
Од Старо Село, поголемиот дел од групата со опремата пристигна во домот Љуботен околу 22 часот додека помал дел од студентите пристигнаа дури во 1 часот по полноќ.
За сето ова, секако, потребни се пријатели и огромна логистичка поддршка. Затоа, им благодариме на Планинарскиот клуб “
Љуботен” за безрезервната помош и поддршка при нашата напорна преселба во текот на акцијата. Го поздравуваме и гостопримството на кое наидовме во Планинарскиот дом “
Љуботен”.
Земајќи ги предвид нашите интернационални соработки каде
организирањето на младински студентски едукативни настани е потполно подржано, ситуацијата со која се соочивме е за
осуда и голема критика. Нам, сè уште не ни е јасно како НП Маврово
не ни дозволи да се движиме во паркот со образложение од ренџерите дека Македонски шуми вовеле ограничување за движење и немаат простор за дозвола наменета за едукација на студенти.
ИДСБ е непрофитна невладина студентска организација со долгогодишно искуство
. Сепак, наместо на поддршка, оваа година наидовме на разочарување. Несфатливо е зошто барањето на ИДСБ за одржување на едукативно-истражувачка акција во НП Маврово беше отфрлено и тоа од институција национален парк која согласно член 72 од Законот за природата, став 3, е дефинирано како подрачје кое „... има еколошка, научно-истражувачка, културна, воспитно-образовна и туристичко-рекреативна намена“.
Според член 74 од Законот на природата „
Со Националниот Парк се управува интегрално, на целата територија, со кој се обезбедува: заштита на природните подрачја од национално и меѓународно значење за културни, научни, воспитно-образовни и туристичко-рекреативни цели„ и ...„ остварување на културни, научни, образовни и рекреативни цели, кое во исто време ја одржува природната состојба на подрачјето.“
Покрај сето ова, изразуваме длабока благодарност до членовите кои присуствуваа на оваа акција. Се извинуваме на сите гости кои ги доведовме до непријатна ситуација кои волонтерски поминаа долг пат за да присуствуваат на оваа акција.
Искрено се надеваме дека ваквите и слични случувања ќе останат само едно лошо искуство кое нема да се повтори во иднина.
ИДСБ, 2016 година
Дополнителни документи:
Слика 1 - Барање за дозвола, 12 Април
Официјален меил - Предмет: Барање за дозвола за спроведување на едукативна активност на Истражувачкото друштво настуденти биолози во Националниот парк “Маврово”
Дополнителни информации во врска со активностите
Институт за Биологија - ПМФ Скопје