Биохемиско-физиолошка - Запознавање

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.

Биохемиско-физиолошката секција работи на анализа на секундарните метаболити како специфични хемотаксономски маркери на некои лековити и ароматични растенија од флората на Македонија.

Растителниот материјал се колектира, детерминира, а потоа и лиофилизира за анализа на секундарните метаболити.

Во рамките на оваа секција студентите подготвуваат растителни екстракти од различни делови на растителниот организам (цвет, лист и стебло) и вршат анализа на содржината на феноли, флавоноиди, антоцијанини, танини, како и други секундарни метаболити специфични за одредени растителни видови. Во растителните екстракти се одредува и неензимскиот антиоксидативен капацитет, активноста на некои антиоксидативни ензими, како и клучните ензими вклучени во секундарниот метаболизам. Потоа се подготвува извештај од обработените лабораториски податоци.

Биохемиско-физиолошката секција посебен осврт дава кон истражување и анализа на секундарните метаболити на лековитите растенија. Овие метаболити се продуцираат при стрес состојба на растенијата.

Стрес состојба за растението претставува промена во физиолошките процеси кои се јавуваат како резултат на дејството на физичко-хемиските фактори во надворешната средина (абиотички стрес) или дејство на организмите: патогени организми, хербивоти, полинатори и микроорганизми (биотички стрес). Во зависност од тоа на колкав стрес е изложено растението, толкава ќе биде неговата продукција на секундарни метаболити, но таа никогаш не е повеќе од 1% од вкупните метаболити. Најчесто во листовите има најголема концентрација, бидејќи тие највеќе се изложени на UV зрачење и температурни промени во колината, како и биотички стрес фактори.


Теренска активност

Колекционирање и сушење на лековитите растенија за анализа и чување на дрогите Лековитите и ароматичните растенија кои служат како суровина за добивање на дроги, кои понатаму се користат во фармацијата, медицината и ветерината, како и во фармацевтската, алкохолната, прехрамбената, парфимериската, козметичката и други индустрии, по квалитетот треба да одговараат на стандардите што ги бараат официјалните светски *фармакопеи. За да се добијат дроги што ќе ги задоволат пропишаните барања од фармакопеите, лековитите и ароматични растенија бараат стручно и совесно собирање и сушење и одговорно чување на истите.
*Фармакопеа – збир од прописи за фармацевтско-активни супстанции, со нивни формули, методи на синтеза, испитување на квалитет и упатства за употреба.
Собирање на лековити растенија Пред да се пристапи кон собирање на лековитите и ароматични растенија, треба да се знае кој дел (орган) од растението треба да се собира и кога, затоа што сите делови и во секое време не можат да се собираат. Од едно растение не може да се собираат цветовите, листовите, кората, коренот и другите делови одеднаш, туку само оние делови што се пропишани според официјалните фармакопеи. Лековитите и ароматичните растенија се колекционираат во “зрела” фаза, односно кога содржат најмногу биолошки активни материи. На пример: корените и другите подземни органи се собираат (копаат) во пролет или есен, листовите во фаза на цветање на растението, а корите од дрвјата во рана пролет пред дрвото да пролисти. Плодовите се собираат кога зреат или кога се сосема зрели. Сите растенија и нивните органи треба да се собираат по убаво и суво време, најдобро од 9 до 13 часот. При собирање на растенијата се користат кошници, кутии, хартиени кесиња каде се става собраниот материјал без да се притиска. Најбитно од се е дека лековитите растенија треба да се собираат совесно и рационално. При собирањето треба да се води сметка на секое станиште да се остават по 10-20 примероци или барем 40% од хербата, за да се овозможи понатамошна нормална репродукција. Лековитите и ароматичните растенија се собираат доколку имаме потреба од нив ! Доколку како дрога се собира хербата од едно растение, не треба да се собира со се корен, бидејќи така ќе дојде до истребување на видот и оневозможување на неговата репродуктивна способност. Загрижувачка е ситуацијата со неконтролираното собирање на ретки растенија од професионални колекционери и како резултат на оваа појава загрозени се голем број од локалните ендемити како и многу видови на лековити растенија. Пример за тоа е Gentiana lutea symphiadra и Gentiana punctata, кои се поретко се сретнуваат на нашите планини, потоа Atropa belladonna, Adonis vernalis, Althaea officinalis, Arctostaphylos uva-ursi, Centaurium erythraea, Convallaria majalis, Digitalis grandiflora, Helychrysum zivojinii, Hypericum perforatum, Juniperus communis, Lycopodium clavatum, Menyanthes trifoliatа, Orcis laxiflora, O. militaris, Origanum vulgare, Paeonia mascula, Primula veris, Pulmonaria officinalis, Ruta graveolens, Salvia officinalis, Sambucus nigra, Sideritis raeseri, S. scardica, Thymus oehmianus и Tulipa scardica. (набројаните видови се извадок од извештајот за “Анализа и валоризација на биодиверзитетот на национално ниво”- Мај 2010 ). Биохемиско-физиолошката секција работи на анализа на секундарните метаболити како специфични хемотаксономски маркери на некои лековити и ароматични растенија од флората на Република Македонија. Наш интерес е колекционирањето на херба, цветови, листови и стебло каде застапеноста на секундарните метаболити е најголема. Тие се колекционираат на следниот начин:
  • Собирање херба – под херба се подразбира надземниот дел на растението. Се собира во периодот на цветање па се до појава на плодовите, со пресекување на горниот дел од растението во должина од 15-30 цм, со се цветови и листови. Не се колекционира цела херба, туку само 50-60% од неа. Хербата се суши, а потоа се двојат растителните органи од интерес: цвет, лист и стебло, кои ќе се употребат за анализа.
  • Собирање цветови – се собираат во почетокот на цветањето на растението, внимателно без притискање се ставаат во кутии или кеси и се ставаат на сушење што е можно побрзо, како би го зачувале изгледот и составот;
  • Собирање листови – се собираат кога растението почнува да цвета или во тек на цветањето. Најквалитетни се оние листови собрани кога се појавуваат првите цветови, затоа што се најсочни и содржат најголема количина лековити материи. Се собираат млади, здрави и сочни листови.
  • Собирање плодови и семиња – се собираат пред да созреат или кога се зрели и тоа по суво време. Исклучок е семето од синап кое се собира рано наутро кога има влага во воздухот (роса). Плодовите и семињата ни служат за обнувавање на ген-банката на растенија, во лабораторијата за култура на растителни ткива.DSC06697-225x300
Сушење на лековити растенија и добивање на екстракти Пред да се пристапи кон сушење треба да се знае анатомската градба и хемискиот состав на собраниот материјал, т.е. да се определи неговата систематика. Собраниот материјал се суши на различни начини:
  • природно под сенка или
  • во чисти проветриви простории, распоредени во тенок слој на хартија, чаршави;
Важно е и по сушењето дрогите да го задржат истиот хемиски состав и природниот изглед. Со сушење испарува водата од растението, со што се спречува разградбта на биолошки активните материи или секундарни метаболити. За да се спречи процесот на разградување, како резултат на присуство на вода и активност на ензимите, дрогите се стабилизираат со што ензимите стануваат неактивни. Исушениoт материјал се меле и се добива фин прашок од стебло, цвет или лист. Се мери 5 мг сува маса и вака приготвениот материјал се екстрахира, во зависност од методата, со дестилирана вода, 80% метанол или со етанол. Добиените екстракти се употребуваат за понатамошни анализи на секундарните метаболити. Хемиска анализа на екстрактите Студентите вршат анализа на содржината на феноли, флавоноиди, флавоноли, антоцијанини, како и на други секундарни метаболити специфични за одредени растителни видови. Во растителните екстракти се одредува и неензимскиот антиоксидативен капацитет, активноста на некои антиоксидативни ензими, како и на клучните ензими вклучени во секундарниот метаболизам, според различни методи. Од добиените резултати се подготвувава извештај и се прави компарација меѓу видовите за најголема концентрација на секундарни метаболити и компарација меѓу видовите за најголемата застапеност на метаболитите во подделни органи. Сето тоа се прикажува во компаративни табели. Чување на дрогите Најчесто, не се искористува целиот колекциониран материјал од терен, па затоа е добро да се чуваат материјалите. Добро исушените лековити растенија т.е. дрогите, треба да се чуваат во вреќи од платно, јута, хартија и сл. откако претходно ќе се исчистат од вегетабилни и механичи онечистувања. Во ваква амбалажа се чуваат корените и другите подземни делови, семињата, плодовите и корите. Цветовите, листовите и ароматичните дроги се чуваат во кутии и сандаци обложени со чиста хартија. Растенијата кои привлекуваат влага се чуваат во добро затворени кутии во кои се ставаат парчиња од негасена вар, завиткани во чисто плато или силика гел. Дрогите не можат да се чуваат и употребуваат неограничено долго време. Најчесто се чуваат 1 година, особено оние кои содржат етерно масло, но има и такви што се чуваат подолго време. Така на пример, Uvae ursi folium (увин чај), Frangulae cortex (кора од крушина), Quecus cortex (кора од даб), Gentianae radix (корен од генцијана), Tormentillae rhizome (ризом од петопрст) и Salep tuber (грутки од салеп) се чуваат и до 5 години. Liquiritiae radix (корен од слатко дрвце) може да се чува и до 10 години. По поминатиот рок, дрогите треба да се фрлат и заменат со нови и свежи. Ментор: М-р Тушевски Оливер Раководител: Костовска Анета
Запознајте се со работата на биохемиско-физиолошка секција преку следнава презентација.

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.