Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.
Животинската биоакустика, често се нарекува едноставно биоакустика и е студија на звукот во нехуманите форми. Тоа вклучува: животинската комуникација и поврзаноста со однесувањето, анатомијата и неуропсихологијата на производство на звук кај животните, аудитивни капацитети и аудитивни механизми на животните и инструментални хидролокатори. Најчесто се користи за проценка на популацијата со идентификација; проучување на однесувањето на животните и ефектите на бучавата (создадена од човекот) врз организмите. Со помош на оваа техника истражувачите можат да идентификуваат видови, да се утврди нивното движење, густината на популацијата и еволутивните врски.
Таквите знаења им помагаат на еколозите и општо биолозите да разберат како животните комуницираат за да преживеат, и како реагираат на човековите влијанија.
Забележано е дека различни видови одбираат различни фрекфенции за меѓусебна комуникација и дека распределбата на територии во екосистемот помеѓу единките во популацијата ја базираат токму на оваа бранова комуникација. Доколку некој вид е концентриран на одредена област и забележи отсуство на неговата позната фрекфенција за комуникација во соседните области, тој почнува да се шири во тој правец, распространувајќи се хомогено.
Претпоставка е дека нарушувањето на екосистемот со уништување на одредени видови, би резултирало со раст и проширување на популации кои комуницираат на слични фрекфенции.
Меѓусебната комуникација, повикот за парење, искажување на разни емоции, не се карактеристични само за човекот. Кучињата лаат на различни начини при различни расположенија, мачките предат од задоволство, хискаат кога се спремаат за напад, волците вијат кога ја повикуваат глутницата да се собере, а тоа се само звуците кои ние можеме да ги слушнеме.
Опсегот на звуци не секогаш може човечкото уво да го регистрира, како што е случај со ултра звуците кај лилјаците.
Глувците пеат песни на ултразвучно ниво за своите сексуални партнери кои можат да се споредат со песната од птиците, а продуцираат звуци со ниска фрекфенција од околу 20 kHz кога се под силен стрес. На повисоки фрекфенции од 30-50kHz, додека пак, пуштаат звуци кои се мајчински повик до малите да се соберат на едно место.
Зајакот во присуство на непознати или при можна опасност тропа со задната нога по тлото предупредувајќи ги на тој начин другите зајци да не излегуваат од дупките. Тропањето е сигнал кој што се пренесува низ земјата и цела колонија може да го слушне. Доколку е заробен, зајакот емитира остар пискав звук што може да се слушне низ целиот регион.
Многу морски суштества емитуваат звуци кои се нечујни за човековото уво. На пример китот Megaptera novaeangliae има широк и разновиден звучен репертоар, достигнувајќи до 5000 Hz во фрекфенција. Откриено е дека најголем дел од енергијата во разговорите на азиските и афричките слонови е концентрирана на 14-35 Hz – фреквенции во близина или под долната граница за човековиот слух, што е околу 20 Hz. Некои повисоки фрекфенции на некои од овие повици луѓето ги слушаат како ниски, меки звуци и мрморења. Затоа, можноста за употреба на инфразвуци им дава на слоновите посебна предност кога станува збор за комуникација на поголеми дистанци. Нискофреквентните бранови патуваат низ воздухот многу подалеку од високофреквентните бранови. Со снимки, исто така, може да се дознае точниот број на слонови и да се оцени нивното здравје преку акустичното инфо.
Се смета дека и мачките имаат сонарен систем, претставен од слушниот апарат и од мустачките кои им служат за навигација и се осетливи на бранови од најниски фрекфенции. Мустачките се тие што ги ориентираат во темница да не се удрат во некој предмет.
Еден интересен факт за животните и нивната осетливост на бранови е поврзаноста на земјотресите со нивните сонарни системи. Така некои видови змии (кои се осетливи на инфрацрвени зраци), глувците и лилјаците при насетување на земјотрес, мигрираат на безбедни места. Ваквото “предвидувачко” однесување на животните е опишано во книги кои потекнуваат од 373 години п.н.е. уште за време на Римската империја. Кршењето на карпите обично се манифестира со високофрекфентни бранови кои претставниците од Rodentia (глодари) можат да ги слушнат, додека одредени поместувања на инфразвучно ниво лесно ги детектираат слоновите, змиите и птиците. Тоа би била причина зошто животните се вознемируваат пред земјотресот – тие всушност го насетуваат првиот звучен бран од фрекфенции кои патуваат побрзо од тие што човечкото уво може да ги прими.
За жал луѓето секојдневно со бучавата што ја создаваат со различни машини, електронската комуникација, мобилните телефони, вештачките сонари се повеќе и повеќе интерферираат со звуците на животните, ги збунуваат, ги дезориентираат или погрешно насочуваат а со тоа и го нарушуваат екосистемот.
Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.