Со големо задоволство ве известуваме дека дваесет и осмата голема истражувачка акција „Кожуф 2022“ ќе се одржи од 07.07.2022 до 22.07.2022 на планината Кожуф. Кожуф се протега помеѓу Гевгелиско-валандовската Котлина, на исток, и планината Ниџе, на запад, по границата со Република Грција. Таа на север е ограничена со Тиквешката Котлина, а на југ навлегува на територија на Република Грција и покрива површина од 740.48 km.
[caption id="attachment_17550" align="alignnone" width="640"]
Карта изработена од: Лазар Николов[/caption]
Оваа голема планина со оромедитерански карактер се одликува со изразен биолошки и геоморфолошки диверзитет. Кожуф во основа е составен од палеозојски шкрилци, а над нив повисоките делови се претставени со тријаски варовници и вулкански карпи. Вулканската активност (која е меѓу најмладите во Република Северна Македонија) е претставена со силни ерупции и изливи на андензитска лава, од која се изградени повеќе возвишенија и вулкански купи, како што се Васов Град, Острец, Момина Чука и Коприва. Во централниот дел од планината се наоѓаат големи карбонатни масиви - Дудица (2132 м.н.в. ), Мала Рупа (2 004 м.н.в.), Чичи Ќаја (1766 м.н.в.) и Две Уши (1758 м.н.в. ), изградени од мермери и варовници. Покрај нив, со својата висина се издвојуваат силикатните врвови Флора (1727 м.н.в.) и Зеленбрег (2137 м.н.в.).
Во зависност од надморската висина, на Кожуф се менуваат неколку климатски типови. Најниските делови со јужна експозиција, кои се под големо медитеранско влијание, се со субмедитеранска клима, ддоека на поголема надморска височина се јавуваат умерена планинска и типична планинска клима.
Кожуф е вистински претставник на предел на мезофилни широколисни шуми и е едно од идентификуваните 42 значајни растителни подрачја на национално ниво според критериумите на Plaпtlife lпterпatioпal. Во планинскиот и високопланинскиот појас се протегаат големи површини со пасишни и ливадски заедници. Хабитатите на алпски и субалпски пасишта опфаќаат примарни и секундарни тревести формации во кои доминираат видови од фамилиите
Роасеае или
Cyperaceae. Во пониските делови на Кожуф карактеристично е присуството на ендемитот
Arbutus andrachne, познат како гол човек.
Вегетацијата на планината Кожуф е доста хетерогена и опфаќа неколку климатогени шумски заедници. Заедницата
Querco - carpinetum orientalis macedonicum го зазема најнискиот дел на Кожуф (до околу 1000 м.н.в.). Поважни дрвенести видови се
Quercus pubescens, Carpinus orientalis, Fraxinus ornus, Acer monspessulanum и други. Над оваа заедница се протега појасот на заедницата
Carpino orientalis - Quercetum frainetto во која доминира видот
Quercus frainetto. Заедницата
Orno - Quercetum petraeae го зазема највисокиот појас со дабови шуми, на кој се надоврзуваат неколку климатогени заедници со бука:
Festuco heterophyllae – Fagetum, Calamintho grandiflorae - Fagetum и Abieti - Fagetum macedonicum. Покрај овие шумски заедници, кои се климатски условени, на Кожуф се регистрирани и некои азонални заедници, меѓу кои се
Carici cuspidatae - Quercetum frainetto cocciferetosum, Philyreo - Carpinetum orientlis, Colurno – Fagetum, Salicetum elaeagni, Lathyro versicoloris - Pinetum nigrae, Fago - abietetum meridionale и други. Во појасот на брдските пасишта и во планинскиот и високопланинскиот појас на непошумени места се протегаат релативно големи површини со пасишни, односно ливадски заедници. На карпести места, како на силикат, така и на варовник, се развиваат интересни заедници со хазмофитска вегетација. Влажните и блатните живеалишта не зафаќаат големи површини, меѓутоа за нив се карактеристични интересни и значајни водни и блатни заедници.
[gallery columns="4" ids="17558,17559,17560,17561"]
Највпечатливи одлики на
фауната на планината Кожуф се нејзината разновидност и хетерогеност, како и присуството на голем број ендемични видови. Ендемичните видови се главно регистрирани кај без’рбетните групи на организми.
[gallery columns="2" ids="17562,17563"]
На големата истражувачка акција студентите ќе бидат во можност да колекционираат материјал, кој по терените ќе биде обработуван во лабораторија. Студентите исто така ќе се во можност да работат заедно со своите ментори и заедно со сите стручни соработници и експерти, да ги прошират своите знаења, но и да стекнат нови, особено при работа на некоја нова методологија на терен. Како и секоја година до сега така и овој терен ќе биде поддржан од професори од Институтот за биологија при ПМФ – Скопје, постари, искусни членови на ИДСБ сега веќе докажани биолози, професори и стручни соработници како гости од соседните држави како и гости студенти и соработници од други држави со што се поттикнува соработката помеѓу сите учесници на самиот терен.
Теренските активности ќе се остварат на претходно дефинирани рути преку постоечките активни секции:
Алголошка, Арахнолошка, Ентомолошка со три потсекции: тврдокрилци, пеперутки и вилински коњчиња, Флористичка, Мамолошка, Миколошка, Орнитолошка, Херпетолошка и Пределна екологија.
Теренските рути ќе бидат дополнително објавени.
Покрај теренската работа и колекционирањето материјал, на големата акција ќе се одржат неколку презентации на различни теми од полето на биологијата презентирани од студенти, гости од странство или професори, исто така ќе биде организирано гледање на документарци и кратки филмови со цел поттикнување дискусии меѓу учесниците, како и интересни авантуристички игри. Покрај научно-истражувачката работа, промоција на тимскиот дух и работа, важен дел од теренот е и забавната компонента, каде сите учесници ќе имаат можност подобро да се запознаат и уживаат во својот престој во природа.
Сместувањето е во планинарски дом на Смрдлива Вода, со опција шатор или легло во домот. Изборот останува на учесникот. ИДСБ располага со шатори доколку учесникот не поседува свој.
Во текот на седмицата пред големата акција (01.07.-06.07.), ќе бидат одржани обуки за работа од менторите и раководителите на секоја секција, како и еден координативен состанок на кој ќе биде презентирана програмата во детали.
Краен рок за пријавување е 27.06.2022. Котизацијата изнесува
1500 денари. Оваа сума вклучува организиран превоз (од Природно-математичикиот факултет во Скопје до Смрдлива Вода и назад), сместување, храна (три оброци на ден) за 15 дена и останати организациски трошоци. Пријавените кои не се во можност да присуствуваат на целиот камп, во апликациониот лист да наведат кога се во можност да присуствуваат. Трошоците за превоз за ваквите случаи, учесниците ќе треба да си го покријат самите.
Задолжително е за сите апликанти да имаат учествувано најмалку на една еднодневна истражувачка акција и да присуствуваат на подготвителните обуки кои дополнително ќе бидат објавени.
За жал, поради ограничување на капацитетите, ќе мора да биде извршена селекција на кандидати.
Апликација за учество:
[su_document url="https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSdJlViVX392apgqUUIXwGRURSJHoSrN-gQ83kgZSXcQUqZ6mw/viewform"]
Фотографии: Душица Заова, Марија Томова, Анастасија Видеска, Марија Тренчева и Ана Варелова.
Користена литература:
Варелова, А. (2021): Прирачник за папрати на Кожуф
, Научно издание, Македонско еколошко друштво
Државен завод за статистика (2020). Статистички годишник на Република Северна Македонија - животна средина и географија
Скопје МЖСПП (2016). Национална стратегија за заштита на природата. Министерство за животна средина и просторно планирање
Филиповски, Ѓ. Ризовски, Р. Ристевски, П. (1996): Карактеристики на климатско-вегетацископочвените зони (региони) во Република Македонија, МАНУ
Dumurdzanov N, Serafimovski Т, Burchfiel С (2004) Evolution of the Neogene-Pleistocene Basins of Macedonia. Geological Society of America, Boulder, СО. 1-20
Disclaimer*
Support for this project was provided in part by the YES Alumni Grants Program, which is funded by the U.S. Department of State, Bureau of Educational and Cultural Affairs (ECA) and administered by American Councils for International Education. The opinions supported herein are the organizer's own and do not necessarily represent the views of either ECA or American Councils for International Education.