Намалувањето на pH вредноста на океанот им го отежнува растењето на коралите, а пак им ја олеснува задачата на организмите, како што се полжавите, црвите и сунѓерите, полесно да ги уништат. Како што се зголемува морското ниво, на коралите им се отежнува растењето кон површината на океанот од каде што ја добиваат сончевата енергија која им е потребна за живот.
Истражувањето, објавено во јануари 2015 година во „Geology“, спроведено од страна на научниците од „WHOI“, ја нагласува опасноста за екосистемите на коралните гребени, кои обезбедуваат заштита од крајбрежната ерозија и се дом на околу 25% од сите морски видови, што значително придонесува за оддржување на рибарството од кое се хранат стотици милиони луѓе.
Коралите ги прават своите скелети од јони на калциум и карбонат од морската вода, градејќи масивни колонии големи колку автомобилите или колку мала куќа. Бидејќи океанот го апсорбира јаглеродниот диоксид од согорувањето на фосилните горива, тоа поттикнува хемиски реакции кои го намалуваат нивото на pH во морската вода. Процесот, познат како киселост на океаните, ги отстранува јоните на карбонатот со што на коралите им се отежнува градењето на скелети. Со помалку јони на карбонат во водата, коралите не се во можност доволно брзо да градат нови скелети за да оддржат чекор со организмите кои го уништуваат.
Денес, производството на калциум карбонат едвај го надминува она изгубеното од
биоерозијата и како резултат на тоа коралите не растат, или пак растат многу бавно кога морското ниво е стабилно.
Истражувачите ги истражувале коралните гребени во Тихиот Океан, од западниот брег на Панама до Палау. Користеле подводни дупчалки за да соберат примероци од коралните скелети и со помош на „CAT“ скенери направиле 3Д слики на тунелите кои организмите ги направиле, што им овозможило точно да пресметаат колку од скелетите се уништени.
Откриле дека во релативно кисела средина (со помалку pH) коралните гребени биле повеќе уништени. Најизненадувачко било откритието дека во комбинација на помалку pH и поголемо ниво на хранливи материи, биоерозијата била за десет пати повисока. Хранливите материи го поттикнуваат растењето на планктоните, а тие пак претставуваат храна за организмите и ги привлекуваат да се засолнат во коралите.
Океаните со сигурност ќе апсорбираат уште повеќе јаглероден диоксиод во текот на следниот век. Киселоста на океаните е глобален феномен кој коралите не можат да го избегнат. Но затоа, луѓето можат да направат нешто за да ги заштитат.
Затоа, научниците ја нагласуваат потребата за нова стратегија за заштита на гребените, преку намалување на загадувањето кое потекнува од човекот, како на пр. испуштањето на водата од канализациите, септичките јами, патиштата и ѓубривата.
Инфо:
enauka.mk