Кое е најмоќното и најбрзото животно на светот?

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.

Иако ова би звучело смешно, најмоќно и најбрзо животно на светот е малото копеподно ракче. Оваа констатација е донесена врз основа на фактот дека со големина на тело од околу 1mm, копеподите можат да скокнат околу половина метар растојание за време од 1 секунда. Нивната неверојатна сила, во однос на нивната големина, ги прави повеќе од десет пати посилни од сите други познати видови на планетата, па дури и посилни од кој било механички мотор произведен досега.

Извонредниoт начин на кој ги постигнуваат овие големи скокови, пред се за да ги избегнат предаторите, се должи на два погонски механизми и брзиот нервен систем, кој се смета за многу ретка појава кај без’рбетниците. Уникатно дизајнираните нервни патишта, невроните опкружени со миелин, ја зголемуваат брзината на спроводливост на информацијата. Кога ова животно ќе се најде во опасност од предатор, сигналот брзо се испраќа до нивните нозе и сет на антени, кои заедно предизвикуваат ракчето да скока со огромна сила, во однос на нивната големина.

Само за споредба доколку ние би ја имале таа моќ во однос на нашата големина на тело ќе можеме да скокаме околу половина километар во една секунда во вода, а во воздух, би скокале многу подалеку од тоа.

Факти за копеподните ракчиња:


Копеподите се група од мали ракчиња, со диверзитет од околу 13.000 видови, од кои половина се паразити. Најголем процент од водните копеподни ракчиња го населува планктонот (слободната водена површина) но постојат и видови коиго населуваат бентосот (дното на еден воден екосистем).

Во одредени случаи копеподите се користат како биоиндикатори. Се проценува дека копеподите апсорбираат 1-2000000000 тони јаглерод годишно, што е еквивалентно на околу 1/3 од сите човечки емисиите на јаглерод и е значително доволно за да ја одржува рамнотежата природата. Тие исто така придонесуваат за пренесување на јаглеродот во длабочините на морињата. Планктонските копеподи, во текот на ноќта се хранат во близина на површината на водениот столб, притоа апсорбирајќи големо количество јаглерод, додека пак во текот на денот, пропаѓаат во длабоката вода за да ги избегнат визуелно предаторите, носејќи го јаглеродот со нив. Копеподите се важен извор на храна за многу риби, китови, морски птици, итн. Многу копеподи имаат резервна енергија во форма на капки масло, коишто можат да достигнат до половина од нивната телесна маса. Копеподите може да се користат како биоконтролори на комарците, бидејќи дел од нивната исхрана вклучува ларви на комарци.

Како краток заклучок може да се каже дека копеподите се едни од најважните организмите на Планетата Земја.

Изработил: Мартина Блинкова


Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.