Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.
Со големо задоволство ве известуваме дека дваесет и четвртата голема истражувачка акција „Чеплес 2017“ ќе се одржи од 08.07.2017 до 23.07.2017 на планината Јакупица.
Планинскиот масив Јакупица е една од најразгранетите, најпространи и највисоки планини во Република Македонија. Се издига во централниот дел на земјата. Во поширока смисла, од Солунска Глава масивот на Јакупица ги опфаќа во вид на петокрака ѕвезда планините: Караџица со нејзиното продолжение Сува Планина, Китка, Голешница, Јакупица и на југ Даутица, со сите нивни помали ограноци.
Предвидените рути за движење на големата истражувачка акција се на планините Јакупица, Караџица и Даутица.
Јакупица, заедно со планината Караџица се највисоките планини од планинскиот масив Мокра (највисок врв Солунска Глава, 2540 мнв.). Просечната надморска височина на планината Јакупица е 1032 м. Има комплексна геологија, климата е континентална во пониските делови, планинска на најголемиот дел од планината и алпска на највисоките делови. Јакупица има особена конзервациска вредност, но сѐ уште не е заштитено подрачје.
Планината Караџица е висока планина со комплексна геологија. Голем дел е карбонатна подлога, но значаен дел се и силикатните карпи. Просечната надморска височина е 1202 метри, а највисоката точка е самиот дел кај Солунска Глава (2540 мнв). Преовладува планинска клима, но има и влијание на модифицирана медитеранска клима од северозападната страна. Целиот регион е економски значаен заради овчите пасишта. Самата планина има особена конзервациска вредност и голем дел од планината е заштитен - заштитено подрачје „Јасен“, VI категорија на IUCN.
Даутица е уште една висока планина од планинскиот масив мокра со просечна надморска висина од 1216м.
Големата истражувачка акција претставува можност за учесниците да ги искусат убавините на овој планинскиот предел од Македонија, да го истражуваат биодиверзитетот кој овие планини го имаат, со што самата локација била и сѐ уште е многу привлечна за теренска работа, студенти биолози и општо љубители на природата.
Како дел од оваа голема истражувачка акција, планиран е тридневен камп на Салакови Езера. Тие се единствените глацијални езера на целиот масив кои не пресушуваат во текот на целата година. Се наоѓаат на 2178 метри надморска висина.
Планинарскиот дом Чеплес се наоѓа во месноста Чеплес.
Самиот дом се наоѓа на 1450 метри надморска височина, во подножјето на планината Јакупица.
АКТИВНОСТИ
На големата истражувачка акција студентите ќе бидат во можност да колекционираат материјал, кој по терените ќе биде обработуван во импровизирана лабораторија. Студентите исто така ќе се во можност да работат заедно со своите ментори и заедно со сите стручни соработници и експерти, да ги прошират своите знаења, но и да стекнат нови, особено при работа на некоја нова методологија на терен. Како и секоја година до сега така и овој терен ќе биде поддржан од професори од Институтот за биологија при ПМФ - Скопје, постари, искусни членови на ИДСБ сега веќе докажани биолози, професори и стручни соработници како гости од соседните држави како и гости студенти и соработници од други држави со што се поттикнува соработката помеѓу сите учесници на самиот терен.
Теренските активности ќе се остварат на претходно дефинирани рути преку постоечките активни секции:
Покрај теренската работа и колекционирањето материјал, на големата акција ќе се одржат неколку презентации на различни теми од полето на биологијата презентирани од студенти, гости од странство или професори, исто така ќе биде организирано гледање на документарци и кратки филмови со цел поттикнување дискусии меѓу учесниците. Покрај научно-истражувачката работа, промоција на тимскиот дух и работа, важен дел од теренот е и забавната компонента, каде сите учесници ќе имаат можност подобро да се запознаат и уживаат во својот престој во природа.
ПРИЈАВУВАЊЕ
Краен рок за пријавување е 25.01.2017. Котизацијата изнесува 1500 денари. Оваа сума вклучува организиран превоз (од Природно-математичикиот факултет во Скопје до планинаркиот дом Чеплес и назад), сместување, храна (три оброци на ден) за 15 дена и останати организациски трошоци. Пријавените кои не се во можност да присуствуваат на целиот камп, во апликациониот лист да наведат кога се во можност да присуствуваат. Трошоците за превоз за ваквите случаи, учесниците ќе треба да си го покријат самите.
Сите заинтересирани се пријавуваат преку пополнување на пријавниот лист кој задолжително треба да го побарате кај член на претседателството. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 01.07.2017 година.
Ги охрабруваме пред се сите студенти, но и сите заинтересирани да се пријават и да земат учество на овогодинешната голема истражувачка акција. Стекнување на теренско искуство е од есенцијално значење за секој иден биолог.
Нашето мото е: Со теорија на терен!
*Овогодинешната истражувачка акција е дел од проектот „Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – биодиверзитет“ (PN: 14.2215.3-999.00). Финансиски и логистички е поддржан од Природно-математичкиот факултет во Скопје, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Македонското еколошко друштво.
Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.