Голема истражувачка акција - Чеплес 2017

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.

Во периодот од 08.-23.07.2017 година се одржа 24-та научно-истражувачка акција на ИДСБ. Планинскиот масив Јакупица е една од најразгранетите, најпространи и највисоки планини во Република Македонија. Се издига во централниот дел на земјата. Јакупица има особена концервациска вредност, но сѐ уште не е заштитено подрачје. Овогодинешната акција претставуваше и можност за компаративни анализи на податоците со резултатите од 1999 година, кога всушност ИДСБ одржува исто така голема истражувачка акција, токму во планинарскиот дом Чеплес.

Како што беше планирано, со рутите беа опфатени трите планини: Јакупица, Даутица и Караџица. Би ги истакнале локалитетите: Солунска Глава (2540 мнв), Бабина и Марина дупка, извори на р. Бабуна, пештера Бабуна, Салаковски Езера, Бегово Поле.На оваа истражувачка акција учествуваа 47 луѓе.

Покрај студентите биолози, имавме гости студенти биолози од Црна Гора, Србија, Полска и Австрија, професори од Природно - Математичките факултети во Скопје и Белград, како и стручни соработници од природонаучните музеи во Скопје и Белград, Бугарската Академија на Науките, и Македонското еколошко друштво.

За посетата и поддршката им се заблагодаруваме и на г-динот Ваутер Пломп од Холандската Амбасада во Македонија, г-динот Александар Настов од Министерството за заштитса на животна средина, како и на претставниците од Германското друштво за соработка.

Пред акцијата, ИДСБ изготви Теренски информатор, со податоци за подрачјето најдени во литературата. На терен беа евидентирани и колекционирани неколку регионални, национални и локални ендемити, како и други значајни и ретки видови, нови видови за масивот и нови за Македонија. Сите резултати ќе бидат презентирани на промотивен настан кој ќе се случи на почетокот на декември и ќе бидат достапни за сите заинтересирани.

Овогодинешната истражувачка акција на ИДСБ финансиски и логистички беше поддржана преку проектот: „Organizing a biodiversity related summer camp and support the process of development and implementation of the biodiversity related smartphone application" одобрен од страна на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ).


Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.