Chirocephalus pelagonicus - Вилинско ракче

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.

Ендемично вилинско ракче Chirocephalus pelagonicus – причина за прогласување на локалитетот ЛОКВИ за споменик на природата. Untitledасд1-300x207Локалитетот Локви – Големо Коњари се наоѓа во југоисточниот дел на Прилепско Поле и е составен дел на Пелагонија, најголемата котлина во Република Македонија. На локалитетот се среќаваат повеќе дождовни локви, расфрлани на необработлива засолена почва која се користи како пасиште, лоцирани наспроти селото Големо Коњари, покрај регионалниот пат Прилеп – Крушево. Теренот каде што се наоѓа локалитетот Локви – Големо Коњари претставува зарамнета површина-пасиште, на која се простираат неколку поголеми и помали вдлабнатини исполнети со вода. Самиот локалитет претставува последен остаток од некогашното пространо Пелагониско Блато, при што на еден ограничен простор, во темпоралните локви сеуште е сочувана уникатна реликтна и ендемична фауна. Основен белег на локалитетот, на кој се присутни минијатурните акватични екосистеми, како според диверзитетот, така и според уникатноста, го даваат фаунистичките претставници од класата Crustacea (ракообразни организми). Од редот Anostraca (Вилински ракчиња) како најзначајни елементи се ендемичните видови: Chirocephalus pelagonicus и Tanymastix motasi. Главна причина за прогласување на овој локалитет за споменик на природата е присуството на реликтниот и ендемичен вид на вилинско ракче Chirocephalus pelagonicus (Petkovski, 1986). Видот е опишан од овој локалитет и досега не е констатиран на ниту едно друго место во Македонија и во светот. Вилинското ракче е со големина од 2cm. Својот животен циклус го почнува во рана пролет, а го завршува кон крајот на мај, кога женките ги полагаат резистентните јајца. Тие имаат дебела обвивка за да може да опстанат скриени во трските во студените зими и летната суша, кога локвите пресушуваат. Така, идната пролет при поволни услови се развива повторно вилинското ракче на длабочина до 60 сантиметри.
Изработил: Мартина Блинкова (извадок од ОБРАЗЛОЖЕНИЕТО НА ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ЛОКВИ-ГОЛЕМО КОЊАРИ ЗА СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА)

Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.