Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.
Родот Cordyceps е од типот Ascomycota (торбести габи) во кој до сега се вклучени околу 400 видови на габи, но се верува дека постојат многу повеќе видови. Сите претставници од овој род се ендопаразити, главно на инсекти и на некои други членконоги (ентомопатогени габи), додека само мал дел од нив се паразити на други габи. До неодамна, најдобро проучен вид од овој род бил Cordyceps sinensis кој за прв пат бил пронајден во Тибет во XV век и бил познат под името “yartsa gunbu”. Во 2007 год. со користење на DNA анализа се открило дека овој вид не е во сродство со останатите претставници од овој род и како резултат на тоа бил преименуван во Ophiocordyceps sinensis и бил ставен во нова фамилија (Ophiocordycipitaceae). Сепак, по животниот циклус, формата и однесувањето е сличен со Cordyceps sp. и токму поради тоа многумина сеуште го користат старото име.
Кога некој вид од родот Cordyceps ќе нападне некој домаќин, спорите кои се закачени за егзоскелетот почнуваат да ’ртат и мицелиумот продира во внатрешните ткива. Така, габата се исхранува и расте во телото на домаќинот и полека целата внатрешност на домаќинот се исполнува со мицелиум. Во меѓувреме, низ површината на егзоскелетот продира плодно тело (аскокарп) кое може да биде цилиндрично, разгрането или со комплексна градба.
Од аскокарпот се испуштаат спорите директно во атмосферата и се овозможува инфицирањето на други единки по воздушен пат. Некои сегашни и поранешни претставници на овој род имаат способност да влијаат врз однесувањето на домаќинот: Ophiocordyceps unilateralis (порано познато под името Cordyceps unilateralis, облигатен паразит на мравки) додека е во домаќинот ја ,,тера’’ мравката да се искачи на горните гранки од дрвото. Таму таа се приклештува за дрвото и умира. Ваквото однесување овозможува растење на габата во подобри услови, и полесна дистрибуција на спорите.
Неколку видови од родот Cordyceps се сметаат за габи со лековити својства. Во кинеската и тибетската народна медицина се верува дека токму овие габи ја зголемуваат физичката кондиција, издржливоста, помагаат кај лица со респираторни проблеми (особено астма), и се користат како афродизијак. Дури постојат цели населби во Тибет во кои целиот финансиски приход зависи токму од собирањето и трговијата со овие габи.
Овие видови се среќаваат исклучиво во Азија (Непал, Кина, Јапан, Бутан, Кореа, Виетнам и Тајланд). Најголема разновидност, но и густина среќаваме во топлите и влажни клими на тропските шуми.
До сега се пронајдени околу 400 претставници од овој вид, но се верува дека постојат многу повеќе. Речиси секој од овие 400 видови е специјализиран за паразитирање на само еден вид на инсект. Оваа специјализација спречува пренамножување на еден вид инсекти во екосистемите и со тоа помага во одржувањето на баланс во популациите.
Овие видови се среќаваат исклучиво во Азија (Непал, Кина, Јапан, Бутан, Кореа, Виетнам и Тајланд). Најголема разновидност, но и густина среќаваме во топлите и влажни клими на тропските шуми.
До сега се пронајдени околу 400 претставници од овој вид, но се верува дека постојат многу повеќе. Речиси секој од овие 400 видови е специјализиран за паразитирање на само еден вид на инсект. Оваа специјализација спречува пренамножување на еден вид инсекти во екосистемите и со тоа помага во одржувањето на баланс во популациите.
Корисни линкови:
Референци: http://en.wikipedia.org/wiki/Cordyceps
Датум на објава:
Jan. 26, 2024, 8:27 a.m.