[su_box title="Класификација:" style="glass" box_color="#8fdce3"]
- Царство: Plantae
- Оддел: Magnoliophyta
- Класа: Magnoliopsida
- Ред: Rosales
- Фамилија: Rosaceae
- Род: Rosa
- Вид: Rosa canina
[/su_box]
Шипинките се разгранети грмушки. Листовите се многубројни, а цветовите се крупни, мирисни и розови. Плодот е меснат, јајчест, сјаен и црвен по боја. Други народни имиња за ова растение се: шипка, шип, дива роза, србогаска.
[su_box title="Распространетост" style="glass" box_color="#8fdce3"]
Шипинката може да се најде на сите планини во Македонија.
Обично расте на места изложени на сонце, најчесто на јужните падини, надвор од шума, на шумска чистинка или покрај патот.[/su_box]
Употреба
Плодот од шипинка се користи за правење чај, џем и мармалад. Широко е распространет во народната медицина и се користи како универзален лек против грип и настинки. Исклучително е богат со витамин Ц и сите продукти од шипинка се меѓу најдобрите извори за овој витамин. Според досегашните испитувања, екстрактите, концентратите и инфузот од плодовите дале добри резултати против хиповитаминоза Ц и авитаминоза Ц. Екстракт, концентрат, чај или слатки продукти од шипинка се препорачуваат како профилактички или куративни средства против инфективни заболувања особено во зимските денови.
Чај од плодовите се препорачува како диуретично средство при заболување на уринарниот систем.
Исто така плодовите го подобруваат апетитот, варењето на храната и метаболизмот. Плодот може да се конзумира и сиров но откако ке се отстранат боцките и семките од внатрешноста. Боцките може да предизвикаат чешање или иритација на дигестивниот систем доколку се консумираат во големи количини.
Семето од шипинката може да се користи за правење масло кое се употребува во козметиката и дерматологијата.
Собирање и сушење
Плодовите остануваат на дрвото за време на зимата, откако ќе опаднат лисјата. Може да се бере од есен па се крајот на зимата, додека плодот не се исуши. На есен плодовите се сеуште тврди и содржат многу витамин Ц. Понатаму во текот на зимата, после првиот мраз плодот омекнува. За правење џем, сок или мармалад се користат плодови кои се зрели и меки. Ако се користат за концентрат, екстрат или чај плодовите се собираат пред нивното целосно созревање, кога имаат портокалово-црвена боја, со цврста конзистенција, во септември по суво и убаво време. Се сушат на сонце или во сушилница на температура од 50-60⁰C. Исушениот плод на шипинката е црвено-кафеав, малку набран, без мирис со киселкасто сладок вкус.
Чај од шипинки за зима без грип
Чајот од шипинки изобилува со витамин Ц, што го прави совршен природен лек за лекувањето на најчестите зимски болести – настинката и грипот. Ова специфично есенско овошје особено се препорачува во сезоната на грипови и настинки, бидејќи ја обновува енергијата, го отстранува уморот и малаксаноста, ја подобрува крвната слика и го зајакнува имунитетот. Чајот од шипинки особено е делотворен за прочистувањето на крвта и исфрлањето на токсините од организмот.
Начин на подготовка и употреба
Две чајни лажици иситнети плодови се преливаат со една чаша вода загреана до 60⁰С и садот стои покриен еден час. Се процедува и се пие. Не се препорачуваат повеќе од три чаши дневно.