Совети за теренска опрема

Датум на објава:
March 18, 2024, 6:54 p.m.

Со затоплувањето на времето и будењето на природата, се наближува и новата теренска сезона. Теренските активности секогаш се едукативни и забавни и најчесто поминуваат одлично, меѓутоа терените не можат секогаш во целост да бидат точно и прецизно предвидени, зимајќи ги предвид временските услови. Поради тоа мора добро да се подготвиме за теренската активност.

Излегувањето на терен често не може да се предвиди целосно, однсоно времето може да се измени и покрај констатираните метеоролошки предвидувања. Се случува сонцето да пече повеќе од што мислиме, да заврне наеднаш колку да нè измокри, да има подолг пат од што е очекувано... Затоа ранчето мора да биде полно со есенцијална опрема за терен, независно од времето:

1. ЗАШТИТНА ОПРЕМА ОД СОНЦЕ: сонцето од биохемиско – физиолошки аспект е многу важно за D-витаминот но UV зрачењето е разорно по нашата кожа. Затоа, секој во ранец мора да има SPF крема. Се препорачува да биде фактор 50 со оглед на тоа дека имаме сè потопла и потопла пролет. Очила, капа, шешир исто така помагаат да се заштитиме.
Бонус препорака: носењето лесна и светла (бела) облека ги рефлектира сончевите зраци, така помалку ќе се потите и полесно ќе „дише“ вашата кожа.

2. ХРАНА: теренските активности трошат енергија и потребно е постојано да ги надополнуваме нашите резерви. Се препорачува да се земе лесна но храна богата со нутриенти. Сендвичи, банана, јаткасти плодови, крекери се едни од најчестите закуски кои се понесуваат кога се посетува терен. Бонус препорака: подготовка на храна ден пред терен ви помага полесно да си го средите ранецот.

3. ВОДА: Вода се пие според потребите, но секој од нас мора да има минимум 2-2.5 вода на терен, заради зголемената потрошувачка при потење и напор. Хидрираното тело може полесно да ги помине сите предизвици на прирдоата. Вака телото ќе биде хидрирано, а водата помага и при измивање на некои мали гребаници и повреди.

4. КАБАНИЦА: покрај непридвлидливоста од ненадеен дожд, кабаницата мора да биде секогаш присутна во ранецот. Иако најверојатно нема да останете суви при пороен дожд, кабаницата може да спаси живот доколку нашето тело се најде во ладни услови и да спречи хипотермија. Дизајнирани се со цел да имаат добра топлотна изолација со помош на струење на воздух. Без кабаница на терен не се излегува!

5. РЕЗЕРВНА ОБЛЕКА: Секому му се случува да си ги наполни обувките со вода, да се лизне и падне во влажна или на каллива подлога, или едноставно да се препоти. Затоа е пожелно да се има дополнителен пар чорапи, блуза, маица дури и долен веш облека. Препорачливо е секогаш да се има парче облека и на долги ракави во случај да застуди. Независно колку и да е топло надвор, на терен секогаш се излегува со ПАНТАЛОНИ. Вака се штитиме од крлежи, убоди од инсекти, гребаници од трнлива вегетација и слични непосакувани ситуации. Исто така задолжително е да се носат соодветни и удобни обувки.

6. ТЕРЕНСКИ ДНЕВНИК: потребен за запишување важни информации како описот на истражувачкото подрачје, различните фактори кои влијаат на хабитатот, временските услови при истражувањето, координати, од каде е собран материјалот, кои видови и колку сме нашле итн.. Ова може да биде вашата омилена тетратка, нотес и сл.

7. ОСНОВНА ПРВА ПОМОШ: потребна за најразлични мали и поголеми повреди. Пожелно е да се носат фластери, завои, бетадин или хидроген, алкохол, памук. Сето тоа може да помогне при помали или поголеми рани и гребаници. Особено важно е да се понесат лекови доколку имате алергија или поспецифична здравствена состојба.

8. НАВИГАЦЈА: честопати во природа ќе се најдете во подрачје каде што нема мрежа, па пожелно е да се симне оffline апликација за GPS, а секако не се на одмет и мапи, компаси и сл.

9. ПРИЈАТЕЛ: Секогаш се препорачува да си земете другарче коешто ќе ве дружи во природа, од безбедносен но и (по)забавен аспект. Ризиците кои ги приредува природата секогаше  полесно да се пребродат во друштво.


Датум на објава:
March 18, 2024, 6:54 p.m.